Објавен заедничкиот извештај од кооперативната ревизија

12.07.2023 - 10:30
Слика
Izvestaj kooperativna revizija

Работната група за ревизија на општините (Task Force Municipality Audit) во рамките на Европската организација на Врховните ревизорски институции (EUROSAI) го објави првиот заедничкиот извештај од извршената кооперативна ревизија на успешност на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата“, во која на предлог на Секретаријатот на TFMA/EUROSAI, Државниот завод за ревизија ја имаше улогата на главен координатор.

Во кооперативната ревизија покрај нашата институција учествуваа уште шест (6) ВРИ и тоа: Албанија, Црна Гора, Полска, Романија, Турција и Словачка. Врховните ревизорски институции со активностите во кооперативната ревизија извршија оценка на влијанието на пандемијата предизвикана од Ковид 19 на локално ниво, давајќи одговор на прашањето „Дали сопствените приходи на општините се доволни да обезбедат квалитетни услуги на граѓаните во услови на пандемија“?

Ревизијата беше насочена кон повеќе ризици кај областите кои се однесуваат на: структурната и функционалната поставеност на системот за управување со кризата предизвикана од КОВИД-19, финансирањето на општините во услови на пандемија, општинските услуги кон граѓаните и плановите на локално ниво за пост-кризно оправување.

Заедничкиот извештај e сеопфатен приказ на седумте национални ревизии, со споредбени анализи на податоците и констатираните состојби од извршените ревизии на секоја Врховна ревизорска институција по предметната област, односно со кои механизми и мерки општините во другите земји се справуваат со последиците од пандемијата, притоа споделувајќи ги добрите практики и искуства.

 Содржината на заедничкиот извештај Ви е достапен на следниот линк: https://www.tfma.eu/files/files/Joint%20Report_Coop%20TFMA.pdf