Билатерална посета на Судот за ревизија на Р. Турција

10.07.2023 - 14:00
Слика
Билатерална посета на Судот за ревизија на Р. Турција

На покана од Судот за ревизија на Република Турција, делегација на Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми, Генералниот секретар м-р Александар Поповски и тим од државни ревизори остварија билатерална посета на ВРИ на Република Турција.

Во рамки на билатералната посета Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателот на Судот за ревизија на Р. Турција г. Метин Јенир потпишаа Анекс на договорот за соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Судот за ревизија на Р. Турција потпишан во 2018 година, со кој се дефинира подготвеноста на двете ВРИ да ја зајакнат и прошират меѓусебната соработка особено на полето на спроведувањето на ревизиите на Целите за одржлив развој (ЦОР) и употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во ревизиите.

Претставниците на двете Врховни ревизорски институции успешно реализираа заедничка повеќедневна работилница за размена на знаења и искуства по претходно избрани теми од повеќе области на државната ревизија како што се:

  • Реализација на целите на одржлив развој на ООН;
  • Планирање, извршување, известување и следење на реализацијата на препораките во ревизиите на финансиските извештаи;
  • Воведување на новиот ИНТОСАИ стандард за управување со квалитет во финансиските ревизии и формирање на ревизорско мислење.

За таа цел на располагање беа ставени најискусните државни ревизори на ВРИ Турција со најголеми познавања на државната ревизија, кои вршеа презентација и водеа техничка (стручна) дискусија со државните ревизори од ДЗР присутни на работилницата.

За време на официјалната посета на Врховната ревизорска институција на Република Турција, раководството на ДЗР оствари состаноци со Претседателот на Судот за ревизија на Р. Турција  г. Метин Јенир, на кој изразувајќи благодарност  за упатената покана за билатерална посета, Главниот државен ревизор изрази подготвеноста за започнување на процесот на заедничка подготовка и креирање на Акциски план за помош во градењето на капацитетите на ДЗР поддржано од страна на ВРИ Турција преку заеднички ревизии, семинари, работилници и стажирања на вработените во ДЗР.

Како што беше истакнато на средбите, ВРИ Турција, која спаѓа во групата на најголемите ВРИ во рамките на ИНТОСАИ, останува да биде главен поддржувач и заштитник  на интересите на ДЗР во сите меѓународни процеси кои се во одвиваат на ниво на Меѓународната организација на ревизорски институции, и особено во тој контекст беше понудено и прифатено од наша страна вклучување со својство на набљудувач на ДЗР во рамките на активностите на стручно усовршување кои се одвиваат во рамките на АСОСАИ, Регионална Азиска организација на ВРИ, каде ВРИ на Р. Турција има голема улога во управувањето со оваа организација.

Во рамките на престојот, раководството на ДЗР реализираше средба и со Претседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) г. Серкан Кајлари, на кој изразувајќи голема благодарност за финансиската и логистичката поддршка на ТИКА во реализацијата на билатералната посета во Судот за ревизија на Р. Турција, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски побара поддршка од ТИКА за реализација на Акцискиот план за зајакнување на капацитетите на ДЗР преку размена на ревизорски знаења и практики со ВРИ на Р. Турција и поддршка за сите активности кои заеднички во следниот период ќе бидат договорени.

Во текот на месец јули, Акцискиот план за зајакнување на капацитетите на ДЗР преку размена на стручни знаења и искуства со ВРИ на Р. Турција ќе биде финализиран по што ќе следи негово одобрување од двете институции, во координација со ТИКА.

 

➡ Линк до македонска верзија Анекс договор:
https://dzr.mk/sites/default/files/2023-06/Aneks_dogovor_sorabotka_DZR_…

➡ Линк до турска верзија Анекс договор:
https://dzr.mk/sites/default/files/2023-06/Aneks_dogovor_sorabotka_DZR_…

➡ Линк до англиска верзија Анекс договор:
https://dzr.mk/sites/default/files/2023-06/Aneks_dogovor_sorabotka_DZR_…