Продлабочување на соработката со Управата за финансиска полиција

31.03.2023 - 15:30
Слика
Потпишување на Меморандумот за соработка

Со Меморандум за соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Управата за финансиска полиција, се воспоставува соработка за прашања од заеднички интерес кои се темелат на нивните законски надлежности.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Директорот на Управата за финансиска полиција, г. Горан Иванов, потпишаа Меморандум за соработка и зајакнување на меѓуинституционалната комуникација.

Целта на потпишаниот Меморандум е зајакнување на соработката и подобрување на квалитетот на меѓусебната комуникација заради обезбедување навремено, целисходно и ефикасно постапување по утврдените состојби во конечните извештаи за извршена ревизија  во пост-ревизорскиот процес.

Двете страни се залагаат и ја изразуваат нивната подготвеност да дејствуваат заеднички во насока на обезбедување на навремена, непосредна и взаемна комуникација со цел размена на суштествени информации поврзани со наоди, мислења, заклучоци и препораки содржани во конечните ревизорски извештаи.

Исто така, меѓуинституционалната соработка ќе се продлабочи и во однос на соработката меѓу стручни тимови од државни ревизори и овластени службени лица за извршување на законски пропишаните надлежности на двете институции, подготовка на заеднички проекти, како и транспарентност во постапувањето по конечните ревизорски извештаи согласно законски пропишаните постапки за постапување.