На покана на Главниот ревизор на Косово г-ѓа Влора Спанца, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Заменик Главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми со своите соработници, престојуваа на официјална посета на Националната канцеларија за ревизија на Косово.
На средбата г-ѓа Спанца ги презентираше надлежностите на ревизорската институција при што се осврна на најновите случувања во Националната канцеларија за ревизија, особено за процесот на ревизија и Годишниот план за ревизија за 2022/2023 година, кој опфаќа повеќе области и теми од интерес за земјата и граѓаните.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски изразувајќи благодарност за поканата и посакувајќи и успешна работа во периодот кој следува, ги истакна постигнатите резултати на Државниот завод за ревизија во создавање на ефикасно контролно опкружување и заштита на јавните средства презентирани во Годишниот извештај за извршените ревизии и работата на ДЗР за 2021 година.
Помошник главниот државен ревизор г-ѓа Росица Шалевиќ Христовска се осврна на јавните финансии и финансиската контрола во нашата земја, додека пак г-ѓа Маја Јовановска Цветковски, раководител на ревизија, информираше за соработката на ДЗР со Собранието на РСМ.
На крајот од средбата двете Врховни ревизорски институции заклучија дека оваа соработка дополнително ќе се продлабочува преку размена на искуства и знаења меѓу двете институции во иднина, а со цел подигнување на нивото на квалитетот на надворешната ревизија во управувањето со јавните средства во двете земји.