Конференција за следење на препораките од извршени ревизии

17.03.2022 - 15:00
Слика
Регионалната конференција за следење на препораките од извршени ревизии

Државниот завод за ревизија, претставуван од Татјана Димитровска и Блерта Ганиу, помошници на главниот државен ревизор, на ден 11.03.2022 година на покана на Државната ревизорска институција на Црна Гора, а во организација на  Фондацијата Вестминстер за демократија во Црна Гора (WFD), присуствуваа и земаа активно учество со своја презентација на регионална конференција на тема „Следење на препораките од извршени ревизии“.

На настанот учество земаа повеќе од 30 претставници од ВРИ на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Словенија, Националната ревизорска организација на Обединетото Кралство, Ревизорскиот суд на Белгија и Парламентот на Црна Гора.

Конференцијата беше организирана со цел подобрување на систематското и квалитетно следење на спроведувањето на препораките од ревизорските извештаи, кои играат клучна улога во мерењето на влијанието на ревизијата. Учесниците разменија искуства и примери на добри практики на Врховните ревизорски институции во делот на примена на постапките за следење на спроведувањето на ревизорските препораки во ревизијата на регуларност, ревизија на усогласеност и ревизија на успешност.

Еден од заклучоците на конференцијата беше дека настанот ќе придонесе и за поредовни консултации меѓу државните ревизорски институции (ВРИ) во регионот, билатерално или мултилатерално, за да се разменуваат информации, совети и да се создадат модели кои можат да инспирираат и промовираат нови пристапи и иницијативи во следењето на препораките од ревизорските извештаи.