Денес, Државниот завод за ревизија одржа работна средба со претставници на надлежните институции, медиумите и граѓанските организации. На настанот беа презентирани досегашните активности и резултати на ДЗР во насока на зголемување на транспарентноста, отчетноста и видливоста.
Во своето воведно обраќање Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски истакна дека соработката на Државниот завод за ревизија со институциите, новинарите и граѓанските организации е една од најважните алки во работата на ДЗР, која особено е истакната во Стратегијата за комуникација на институцијата. Притоа, беа презентирани досегашните активности и резултати на Државниот завод за ревизија, кои служат како поттик за продолжување со трудот и напорната работа.
Помошник главниот државен ревизор м-р Соња Камбовска ги презентираше утврдените состојби со извршената ревизија на усогласеност на тема „Експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“, за периодот 2012 – 2020 година. Дополнително, беше промовирано и изработеното видео за ревизорскиот извештај, како новитет во комуницирањето на ДЗР со засегнатите страни.
Работната средба се реализираше во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на Стратегијата за комуникација на Државниот завод за ревизија“ кој ДЗР го спроведува со Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) во соработка со Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС, финансиран од Министерството за надворешни работи и развој на британскиот Комонвелт.