На покана на главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, а по повод назначувањето на функцијата програмски менаџер на ЕУ делегацијата во нашата држава, г. Хавиер Кастиљо Алварез и г. Фрек Јанмат, шеф на одделот за економија, градење на институциите и прекугранична соработка, го посетија Државниот завод за ревизија.
Главниот државен ревизор ги запозна претставниците на ЕУ делегацијата за реализираните активности од твининг проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарен надзор“ кој Државниот завод за ревизија го спроведува заедно со врховните ревизорски институции на Република Хрватска и Република Бугарија, поддржан од Европската унија.
На средбата беа презентирани активностите на Државниот завод за ревизија, напредокот во функционирањето и организирањето на работата, како и постигнатите резултати во делот на додадената вредност од вршењето на ревизиите, зголемената транспарентност и отчетност на ДЗР и зајакнувањето на кадровските капацитети на институцијата.
Претставниците на ЕУ делегацијата изразија задоволство од презентираните податоци и резултати од работата на Државниот завод за ревизија, потенцирајќи ја нивната заложба за понатамошна поддршка во зајакнувањето на улогата на ДЗР како институција во служба на јавноста.