На 16.09.2021 година во просториите на Државниот завод за ревизија, во посета на Главниот државен ревизор беше Алиа Ел-Јасир, регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија и Ивона Паунович Бишевац, национална координаторка на програмата за родово одговорно буџетирање на UN Women во Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше за воспоставената соработка помеѓу ДЗР и UN Women во рамките на проектот „Промовирање на родово-одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој - Сида.
Целта на соработката е да се зајакнат капацитетите на државните ревизори за вклучување на родовата перспектива во ревизиите, како и да се истакне важната улога која ДЗР ја има во поглед на подобрување на отчетноста на државните институции при планирањето и управувањето со јавните финансии со цел да се унапреди родовата еднаквост.
Од страна на Главниот државен ревизор беше презентирана работата на ДЗР на оваа тема, како и прогресот со ревизијата на успешност која е во тек, а се однесува на Ефективност на мерките на Владата на Република Северна Македонија за родова еднаквост и соодветни родови буџетски иницијативи. Алиа Ел-Јасир истакна дека ДЗР е посветена партнерска институција и дека заложбите за подобрување на владеењето на правото во областа на родовата еднаквост и транспарентното и отчетно управување со јавните финансии е заедничка цел и ќе помогне кон целокупниот економски и социјален развој на земјата.
На средбата се разговараше и за идните активности кои ќе бидат во насока на исполнување на Меморандумот за Соработка кој неодамна беше потпишан и претставува рамка за соработка која ќе даде насока и отвори простор за активности што ќе придонесат ДЗР да ги зајакне своите капацитети во областите на родова еднаквост, родово одговорно буџетирање и родовата ревизија.