![Панелистите на меѓународната конференција](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2021-07/11_NASLOVNA51281014537_51caaaf1b4_o.jpg?itok=C9q1q4lv)
На 29 и 30 јуни 2021 година во Скопје се одржа меѓународна конференција на тема „Поддршка на сметководствените и ревизорски активности и синергии“, во организација на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (CIPFA) и Центарот за извонредност во финансиите (CEF). Конференцијата е поддржана преку финансирање на проектот за обука за сертифицирање на јавните сметководители во РС Македонија, овозможено од Министерството за надворешни работи на Словенија – Slovenian Aid.
Целта на конференцијата е да се поддржи развојот на капацитетите на официјалните лица задолжени за финансии на регионални и глобално ниво преку учење. На конференцијата учесниците имаа можност да ги слушнат меѓународните искуства во повеќе области и тоа: управување со јавните средства, борба против корупција, лидерство за реформи, како и промовирање на учење и споделување на знаење кај сметководители и ревизори.
Вториот ден од конференцијата, свое излагање имаше и Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски кој се претстави и ги запозна учесниците за текот на својата професионална кариера и развој. Исто така ГДР ја истакна значајната улога на ДЗР како врховна ревизорска институција во државата, притоа потенцирајќи ја зголемената транспарентност и отчетност на институцијата за работењето и резултатите од ревизијата, кон сите засегнати надворешни страни.
Главниот државен ревизор ги информираше учесниците на конференцијата и за Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2020 година, кој беше доставен до Собранието на РСМ во законски предвидениот рок, публикуван и објавен на веб страната на ДЗР на три јазици и тоа: македонски, албански и англиски јазик.