![Лозови насади](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2023-06/1_Naslovna_Zemjodelski_registri_photoshop.jpg?itok=CMbkc41q)
ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-Соопштение за медиуми -
Скопје, 27.06.2023 година
Слабости во ажурноста на земјоделските регистри
Начинот на контролите на воспоставените регистри, отсуството на ИТ кадар и слабата меѓу институционална размена на податоци, не обезбедува ефективно управување и следење на субвенционирањето на земјоделските стопанства
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност - ревизија на информациски системи на тема „Земјоделските регистри во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенција за храна и ветеринарство во функција на ефективно остварување на правата и исполнување на обврските на земјоделските стопанства“ согласно Годишната програма на ДЗР за 2022 година.
Целта на извршената ревизија беше да се даде одговор на прашањето „Дали управувањето и контролите во системите и регистрите овозможуваат ефективно управување и следење на субвенционирањето на земјоделските стопанства“.
Од спроведена ревизија констатирани се одредени состојби кои доведуваат до заклучок дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој имаат воспоставено информациски системи за управување со регистрите во нивна надлежност и обезбедување на соодветна финансиска поддршка, но воспоставените регистри и контроли во регистрите не обезбедуваат ефективно управување за остварување на правата и исполнување на обврските на земјоделските стопанства.
Со ревизијата констатиран е нееднаков пристап за евиденција на државно земјоделско земјиште кое се води рачно во табели на локално ниво, не ажурирање на централизиран регистар по доставена ексел табела, не користење во целост на воспоставената апликација за водење на државно земјоделско земјиште, како и недостиг на размена на информации и координација во МЗШВ.
Ваквата состојба довелa до отсуство на целосна евиденција на државно земјоделско земјиште – закупено и слободно, приходите од закупнините на земјоделско земјиште да не се следат на централно ниво по закупец, како и министерството да не може да го планира приходот по основ на закуп и објавување на јавни повици за давање во закуп на целосното слободно земјоделско земјиште во државна сопственост.
![Графикон 1](/sites/default/files/inline-images/Grafikon%201_0.jpg)
Извор: линк од МЗШВ - прикажаните податоците не се ажурирани од 17.07.2017 година
Поради отсуство на интегриран информациски систем, за дел од земјоделските регистрите имплементирани се апликативни решенија, за дел се користат табели на локално ниво, поради што министерството не е во можност да генерира извештаи на државно ниво и не постои можност за креирање на податоци како основа за креирање на соодветни политики за развој и поддршка на овој сектор.
Ревизорите утврдиле дека во воспоставениот единствен регистар на земјоделски стопанства со вграден систем за идентификација на земјишни парцели, не се врши ажурирање на податоците со податоците за земјоделските стопанства од информацискиот систем на АХВ.
![Графикон 2](/sites/default/files/inline-images/Grafikon%202_0.jpg)
Исто така, во системот за идентификација на земјишни парцели, не се вградени доволно вкрстени контроли, при што на некои земјоделски стопанства им се овозможени привилегии за користење на другите Национални програми и ИПАРД програмата и остварување на поголема финансиска поддршка.
Поради отсуство на евиденција на доделена државна помош, Министерството нема воспоставени контроли за избегнување на двојно финансирање на државна помош за иста намена и надминување на максималниот износ на помош.
Во МЗШВ и АХВ отсуствуваат ИТ политики и процедури и назначени службеници за ИТ безбедност што може да доведе доделување на улоги и пристап на одредени корисници до системи за кои не се надлежни.
Во МЗШВ, АХВ и АФПЗРР пополнети се само 30% од предвидениот број на ИТ вработени, па дел од системите во МЗШВ и АХВ ги администрираат лица кои се во сектори и одделенија задолжени за функционирање на самите регистри.
Во МЗШВ и АХВ се користи застарена компјутерска опрема и оперативен систем кој веќе не е поддржан од производителот со што не се овозможува нормално сервисирање на потребите на земјоделско стопанства.
Размената на податоци помеѓу регистрите во АХВ и МЗШВ се одвива без склучен договор за соработка и не се користи интероперабилноста за размена на податоци, како и не се користат целосно податоците од Единствениот регистар на земјоделски стопанства за потребите на други сектори во МЗШВ. Oтсуствува и план за континуитет во работењето што овозможува ранливост на клучните системи и услуги. Информацискиот систем во МЗШВ не е целосно опоравен од сајбер нападот и не е во состојба да ги преземе податоците од регистарот на АХВ.
За надминување на наведените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и институции, во функција на воспоставување ефективни политики за подобрување на утврдените состојби со администрирање на информациските системи и регистрите во МЗШВ, АХВ и АФПЗРР заради подобрување на евиденција на доделената државна помош во земјоделството и руралниот развој, државното земјоделско земјиште, земјоделските стопанства и одржливо управување со субвенционирањето на земјоделските стопанства.
Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203 albiona.mustafa@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486 mijalce.durgutov@dzr.gov.mk
Мартин Дувњак +389 75 268 517 martin.duvnjak@dzr.gov.mk