![Локална самоуправа – време за можности и ревизија](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2022-12/naslovna_.jpg?itok=uFiJLtQq)
Во рамките на дводневната годишна конференција за децентрализација и локално управување на тема „Локална самоуправа – време за можности и ревизија”, организирана од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше и беше панелист на настанот.
Во своето обраќање, Главниот државен ревизор потенцираше дека Државниот завод за ревизија како врховна ревизорска институција во континуитет ги истакнува системските слабости во областа на функционирањето и работењето на единиците на локалната самоуправа.
Притоа додаде дека во наредниот период очекува да се почитуваат донесените законски одредби во делот на финансирање на локалната власт и финансирање на пренесените надлежности согледувајќи ги реалните податоци, како и сериозно вложување на човечките ресурси во единиците на локална самоуправа.
Главна цел на одржаната дводневната конференција беше преку отворена и широка дебата да се дискутираат можните решенија и пристапи кои ќе овозможат успешно имплементирање во пракса на основните постулати на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026, во насока на градење еднакви, инклузивни и отпорни општини и плански региони.
На конференцијата учество земаа претставници од централната и локалната власт, претставници од надлежните институции, меѓународни и граѓански организации, домашни и странски експерти.