![Конференција за Националните капацитети за евалуација](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2022-10/1_1_naslovna.jpg?itok=9h6So8TI)
На покана на Независната канцеларија за евалуација од Програмата за развој на Обединетите нации, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во периодот од 25-28 октомври, учествуваше на конференција за Националните капацитети за евалуација на тема „Отпорни системи за евалуација за одржлив развој“, која се одржа во Торино, Италија.
На конференцијата учествуваа околу триста претставници од повеќе од 100 земји од пет континенти, а во македонската делегација покрај Главниот државен ревизор учествуваа заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи, претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски и претставниците на УНДП – Канцеларијата во Скопје, Илмиасан Даути и Сами Буши.
Учесниците на конференцијата имаа можност да учествуваат на една од предвидените 11 работилници организирани на повеќе теми и области. Главниот државен ревизор зема активно учество на работилницата 11 која се фокусираше на тоа како Независната канцеларија за евалуација на УНДП, најголемата канцеларија за евалуација во системот на Обединетите нации (ОН), пристапува кон евалуацијата, видовите прашања што ги поставува, податоците што ги собира и извештаите што ги пишува.
Државниот завод за ревизија како независна институција за ревизија, врши значајна улога за одговорно, отчетно и транспарентно владеење и со предвидената промена на легислативата со која ќе се гарантира имплементација на наодите од ревизорските извештаи ќе се овозможи дополнително подобрување на политиките во различни институции на државно и на локално ниво.
Учеството на делегацијата на конференцијата во Торино е активност во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, проект кој е финансиран од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.