Потпишан Меморандум за соработка со Собранието на РСМ

22.10.2022 - 21:00
Слика
Потпишан Меморандум за соработка со Собранието на РСМ

На одржаниот завршен настан од Твининг проектот ИПА 2018 финансиран од Европската Унија „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, Претседателот на Собранието на РСМ, г. Талат Џафери и Главниот државен ревизор г. Максим Ацевски потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Собранието на РСМ и Државниот завод за ревизија.

Целта на потпишаниот Меморандум за соработка е воспоставување на професионални одржливи односи помеѓу Собранието на РСМ и Државниот завод за ревизија за уште подобар надзор на трошењето на јавните средства и поголема отчетност на институциите кои се финансираат од државниот буџет.

Со поздравни обраќања настанот го отворија Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, Претседателот на Собранието на РСМ, г. Талат Џафери,  Амбасадорот и шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија,  Н.Е. Дејвид Гир, Претседателот на Националната канцеларија за ревизија на Република Бугарија, г. Цветан Цветков и Заменик главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, г-ѓа Недиљка Рогошиќ.

Проектните лидери од трите врховни ревизорски институции и твининг партнери, г-ѓа Мартина Јурјевиќ, г-ѓа Вјара Ангелова и г-ѓа Тања Јаневска, ги презентираа постигнатите проектни резултати и реализирани активности, потенцирајќи дека постигнатиот успех е резултат на плодната и несебична размена на професионалното искуство и знаење, како и максимална отвореност и искреност во заедничката соработка на твининг партнерите.

Во текот на проектните активности, се реализираа обуки/работилници за повеќе од 90 ревизори на ДЗР, а во заедничка работа со колегите од земјите – членки, ревизорите на ДЗР спроведоа 15 пилот ревизии во седум ревизорски области. Севкупно, во рамките на проектните активности се спроведени 43 активности и 145 мисии реализирани со учество на повеќе од 40 краткорочни експерти од Република Хрватска, Република Бугарија, Естонија и Шпанија.