![Квалитетни дискусии и размена на искуства и мислења на делегациите на двете Врховни ревизорски институции](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2022-06/1_naslovna.jpg?itok=y-AD16_V)
Државниот завод за ревизија, во текот на вчерашниот и денешниот ден, е домаќин на делегација на Државната ревизорска институција на Република Црна Гора, предводена од сенаторите Никола Ковачевиќ и Зоран Јелиќ.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, Заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми и вработените од Државниот завод за ревизија, им посакаа срдечно добредојде на своите колеги од Црна Гора и убав престој во нашата држава.
Во своето воведно обраќање, г. Ацевски изрази задоволство од посетата на Врховната ревизорска институција во државата, напоменувајќи дека Државниот завод за ревизија е отворен и подготвен да ги сподели и презентира сите успешни новитети во своето работење и постигнатите резултати во целокупниот ревизорски процес.
Вработените во Државниот завод за ревизија, преку презентации и дискусии со своите колеги опфатија различни теми и области и тоа:
- Комуникација, транспарентност и отчетност на Државниот завод за ревизија;
- Комуникациска стратегија како стратешки документ на ДЗР;
- Начин на презентирање на утврдените состојби од извршените ревизии;
- Изработка на резимеа од ревизорски извештаи и комуникациски алатки;
- Присуство на социјални мрежи и промоција; и
- Соработка со Собранието на РСМ.
Сенаторот Ковачевиќ изрази задоволство од постигнатите резултати и напредокот во работењето на Државниот завод за ревизија, се заблагодари за можноста за организирањето на оваа билатерална средба при што истакна:
“ Секогаш со нетрпение ја очекуваме можноста да размениме експертски мислења и искуства со врховните ревизорски институции од регионот и на тој начин да придонесеме за развој на нови идеи и знаења, се со цел да се подобри одговорното и транспарентно известување за јавноста.“
На работните сесии присуствуваа и претставниците на Фондацијата за демократија на Вестминистер на двете земји, со кои Врховните ревизорски институции на двете држави спроведуваат проектни активности токму во областа на комуникација, транспарентност, отчетност и комуникација со надворешни засегнати страни.