Годишен состанок на шефовите на ВРИ на Европската унија

06.05.2022 - 11:30
Слика
Шефовите на ВРИ на ЕУ во Луксембург

Во Луксембург се одржа годишниот состанок на Контакт комитетот на шефовите на врховните ревизорски институции на Европската унија и Европскиот суд на ревизори на кој  учествуваа главниот државен ревизор г-н Максим Ацевски и помошникот на главниот државен ревизор г-ѓа Тања Јаневска.

Шефовите на врховните ревизорски институции, заедно со претставници на SIGMA и Развојната иницијатива на INTOSAI, од 3 - 4 мај 2022 година се состанаа во рамките на годишниот состанок на Контакт комитетот.

Фокус на овој состанок беа стратешките задачи и предизвици за ВРИ на ЕУ при проценката на (додадената) вредност на Механизмот за закрепнување и одржливост (Recovery and Resilience Facility) на национално ниво и на ниво на ЕУ. Целта на состанокот беа прашања од заеднички интерес со фокус на политиките на ЕУ и финансиското управување, како и утврдување на заеднички активности за остварување на поголемо влијание.

На маргините на овој настан, Главниот државен ревизор оствари повеќе билатерални средби со негови колеги и претставници на ВРИ од земји членки и кандидати за членство во ЕУ и ЕСР, на кои се дискутираше за независноста на врховните ревизорски институции и нивното влијание врз подобро управување со јавните средства, важноста на примената на стандардите за вршење на ревизија, човечките ресурси како предуслов за професионална институција, како и вредноста и важноста на мерењето на резултатите од работата на ВРИ.