Поддршка од Цветков за драфт Законот за државна ревизија

22.03.2022 - 08:00
Слика
Поддршка од Претседателот Цветков за драфт верзијата на Законот за државна ревизија

Во рамки на активностите од студиската посета во Република Бугарија, на која делегација од Државниот завод за ревизија предводена од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски престојува во Софија, главниот државен ревизор оствари средба со Претседателот на Националниот завод за ревизија на Република Бугарија г. Цветан Цветков.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателот на Националниот завод за ревизија г. Цветан Цветков дискутираа на повеќе теми од заеднички интерес и тоа:

  • Разгледување и анализа на активностите утврдени во твининг проектот кој го реализираат двете Врховни ревизорски институции;
  • Областите кои се предмет на дискусија на тековната студиска посета;
  • Одредбите на драфт верзијата на Законот за државната ревизија подготвен во рамки на твининг проектот од страна на вработените во ДЗР и колегите од Националниот завод за ревизија; и
  • Останати теми за заеднички активности и можности за зајакнување на заедничката соработка.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски на средбата со Претседателот на Националниот завод за ревизија г. Цветан Цветков, истакна дека ја очекува поддршката од своите твининг партнери за предложената драфт верзија на Законот за државната ревизија, особено имајќи ја предвид успешната и континуирана соработка којашто Државниот завод за ревизија ја добива во рамки на проектните активности.

Претседателот на Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, г. Цветан Цветков, ја изрази својата комплетна поддршка за предложената драфт верзија на Законот, притоа истакна и верува дека со донесувањето на предложениот законски текст ќе се овозможи финансиска и оперативна независност на Државниот завод за ревизија преку која ќе може на уште поефикасен начин да ја исползува својата институционална улога, чувар на јавните средства и коректив на управувањето со јавните финансии.