![Работилница за подобрување на соработката меѓу Државниот завод за ревизија и новинарите](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2021-12/1_%D0%BD%D0%B0%D1%81%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B0_0.jpg?itok=Ya6uK-1S)
На ден 07.12.2021 година, преку платформата Зум (Zoom) се одржа работилница за подобрување на соработката меѓу Државниот завод за ревизија и новинарите, како предуслов за етичко известување на теми поврзани со јавното финансирање.
Работилницата со поздравен говор ја отворија Раководителката на отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Илона Казарјан, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателот на Здружението на новинари г. Младен Чадиковски.
Предавачи на работилницата беа Помошник главниот државен ревизор Татјана Димитровска и експертот за односи со јавност Горан Теменугов, а учествуваа новинари кои следат и активно работат во областа економија и државни/овластени ревизори од Државниот завод за ревизија.
Целта на одржаната работилница е да се унапреди и зајакне соработката меѓу ревизорите и новинарите која е од особено значење за професионално и објективно известување во јавноста за теми кои се поврзани со јавното финансирање. Преку практични примери и интерактивни вежби ревизорите имаа можност да ги упатат новинарите во контекст на правилната употреба на терминологијата и толкувањето на ревизорските извештаи.
Новинарите од повеќе медиуми во државата, ги истакнаа предизвиците и потешкотиите со кои се соочуваат во „читањето и разбирањето“ на ревизорските извештаи и притоа дадоа свои предлози и сугестии како да се воспостави уште поуспешна соработка во комуникацијата со Државниот завод за ревизија и информирањето за утврдените состојби во ревизорските извештаи.
Настанот е организиран од Здружението на новинари, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамки на активностите кои произлегуваат од потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Државниот завод за ревизија и Здружението на новинари на Македонија.