Главниот државен ревизор на Република Хрватска во посета на ДЗР

06.11.2021 - 10:11
Слика
Главниот државен ревизор на Република Хрватска во посета на ДЗР

На покана на ДЗР, имајќи ја предвид долгогодишната успешна соработка помеѓу врховните ревизорски институции на Република Северна Македонија и Република Хрватска, делегација на Државниот завод за ревизија на  Република Хрватска предводена од главниот државен ревизор Иван Клешиќ, во периодот од 19.10. – 22.10.2021 година,  престојуваше во посета во Државниот завод за ревизија, во Охрид. Делегацијата ја прими  Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заедно со  своите соработници. Оваа посета се оствари во рамките на твининг проектот, „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“.

За време на посетата која се реализраше во рамките на планираните активности од Компонентата 2 – „Подобрени административни капацитети и процеси на надворешната ревизија“ беа споделени практики и искуства во насока на подобрување на организационата структура и капацитетите со човечки ресурси.
 

Во исто време во рамките на планираните активности од компонента 3 – „Подобрена законодавна контролна функција на Парламентот врз основа на разгледување и дискусија за ревизорските извештаи на ДЗР“, беа споделени искуства за начинот на подобрување на законската регулатива во насока на обезбедување на соодветен парламентарниот надзор преку учество и активна дискусија на ревизорските извештаи на ДЗР.

Преку активна дискусија за разликите и сличностите помеѓу двете институции се утврдија областите каде се можни подобрувања, во насока на унапредување на работата на Државниот завод за ревизија, како и парламентарниот надзор.

На крајот од посетата двете Врховни ревизорски институции заклучија дека оваа соработка дополнително ќе се продлабочува преку размена на искуства и знаења меѓу двете институции со извршувањето на проектните активности, како и со извршување на кооперативни ревизии на успешност помеѓу двете ВРИ.