Зајакнување на соработката меѓу ДЗР и Собранието

12.10.2021 - 13:00
Слика
Заедничка фотографија на делегациите од Република Северна Македонија и Република Хрватска

На 08 октомври 2021 година, во Собранието на Република Северна Македонија,  се одржа работна средба меѓу делегација на Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, делегација од Државниот завод за ревизија на Р. Хрватска предводена од Заменик главниот државен ревизор  Недиљка Рогошиќ, Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет во Парламентот на Р. Хрватска  Гроздана Периќ и претставници од Собранието на РСМ предводени од Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Горан Мисовски.

Соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Северна Македонија, процесирањето на ревизорските извештаи, нивното разгледување и дискутирање на седниците на работните тела и на седниците на Собранието е од особено значење за контролата и надзорот на трошењето на јавните средства. 

Благодарение на искуствата од другите земји во Собранието на Република Северна Македонија веќе се започнати консултации во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизорските извештаи.

Главниот државен ревизор истакна дека со разгледувањето на ревизорските извештаи од страна на Собранието ќе се обезбеди додадена вредност од државната ревизија и обезбедување на соодветно контролно опкружување.

Средбата се одржа како дел од активностите на твининг проектот на ЕУ-ИПА „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, со кој е предвидено  зајакнување на соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Северна Македонија.