![Конгрес на ЕУРОСАИ организиран on line](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2021-04/1_NASLOVNA_Eurosai_Kongress_850x406_PHOTOSHOP.jpg?itok=0pu2xQBj)
Делегација на Државниот завод за ревизија предводена од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше на XI Конгрес на Европската организација на врховни ревизорски институции (ЕУРОСАИ), одржан на 14 април 2021 година. Покрај главниот државен ревизор, во делегацијата на ДЗР беа и м-р Орхан Адеми, Заменик главен државен ревизор, Тања Јаневска, Помошник на главниот државен ревизор и Елена Догазанска, самостоен ревизор. Поради околностите со глобалната пандемија со COVID-19, Конгресот за прв пат беше одржан онлајн преку интернет платформа.
Целите на XI конгрес на ЕУРОСАИ се:
- Да се проценат резултатите од работата на ЕУРОСАИ за периодот 2017 - 2020 година, и
- Да се дискутираат неопходните административни прашања за да се обезбеди континуитет во работата на ЕУРОСАИ.
Домаќин на Конгресот беше ВРИ на Чешката Република, која е и актуелен претседавач на ЕУРОСАИ. На Конгресот учествуваа претставници од ВРИ членки на ЕУРОСАИ, како и на меѓународни организации и ВРИ во својство на набљудувач.
Темите за разгледување и одобрување на пленарната седница на Конгресот беа фокусирани на:
- Извештаите за работењето на ЕУРОСАИ за периодот 2017 – 2021 година;
- Извештаите за имплементација на Стратешкиот план на ЕУРОСАИ 2017 – 2024 година;
- Финансирањето на ЕУРОСАИ, преку усвојување на финансискиот извештаи и ревизорскиот извештај за 2020 година, како и буџетот на организацијата за период 2022 – 2024 година, и
- Извештаите за соработката со Меѓународната организација на ВРИ – ИНТОСАИ и нејзините работни тела.
Делегацијата на Државниот завод за ревизија предводена од највисокото раководство, преку гласање активно учествуваше во донесување на одлуките на Конгресот кои се однесуваат на:
- Избор на домаќин на следниот XII Конгрес на ЕУРОСАИ – избрана е ВРИ на Израел;
- Избор на нови членови на Управниот одбор на ЕУРОСАИ – избрани се ВРИ на Обединетото кралство и Литванија;
- Избор на ревизори на ЕУРОСАИ – продолжен е мандатот на ВРИ на Бугарија и Хрватска кои беа ревизори во изминатиот период, и
- Усвојување на измени и дополнувања на Статутот на ЕУРСАИ и Правилата и процедурите на Конгресот и одобрување на Листата на набљудувачи на Конгресот.
Државниот завод за ревизија ќе продолжи активно да придонесува во работата на ЕУРОСАИ преку учество во активностите на нејзините работни тела и иницијативи. Во моментов ЕУРОСАИ има 50 членки, а Државниот завод за ревизија е нејзина членка од 2002 година.