![Институт за овластени ревизори](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2020-10/1_OOOI_NASLOVNA_2020_850X390_photoshop.jpg?itok=fj8MfnQg)
На покана од страна на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, претставници на Државниот завод за ревизија, учествуваа на настан за континуирано професионално усовршување на овластени ревизори на тема „Предизвици и перспективи на ревизорската професија“, како дел од заедничката соработка и меѓусебни активности кои произлегуваат од потпишаниот Меморандум за соработка.
Настанот беше отворен од страна на Претседателот на Институтот на овластени ревизори г. Драган Димитров, кој ги поздрави учесниците и им посака успешна и плодна работа. Веднаш по него, со свое воведно обраќање се обрати и главниот државен ревизор г. Максим Ацевски кој истакна дека очекува овој настан да придонесе кон зајакнување на заедничките заложби и дејствувања во справувањето со идните предизвици кои се јавуваат во ревизорската професија.
Во таа насока, главниот државен ревизор се осврна и на дел од идните предизвици со кои се соочени врховните ревизорски институции, со цел обезбедување на значајност како институции кои се од голема вредност за општеството, потенцирајќи ги следните:
- Обезбедување на независен надворешен надзор на постигнувањето на национално договорените цели во државата, вклучително и оние кои се поврзани со Целите на одржлив развој;
- Ефективен одговор и постапување во ревизијата во корелација со новите можности кои ги нуди технолошкиот напредок;
- Зајакнување на влијанието на ВРИ врз отчетноста и транспарентноста на јавното управување.
Во текот на првиот ден од настанот, со свои презентации во улога на предавачи активно се вклучија претставниците од Државниот завод за ревизија г. Бранислав Гулев и г-ѓа Тања Јаневска, кои преку презентации ги опфатија и анализираа најважните меѓународни ревизорски стандарди за вршење на државната ревизија, правилата утврдени со кодексот на етика на ИНТОСАИ, како и законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на вршење на државната ревизија.
На дводневниот настан, покрај претставниците од Институтот на овластени ревизори на Република Македонија и Државниот завод за ревизија, учествуваа и претставници од Министерството за финансии, Здружението на внатрешни ревизори на Република Северна Македонија, како и претставници од комерцијалната ревизија.