![Отворање на работилницата 1](/sites/default/files/styles/a_slider_850/public/2020-09/1_NASLOVNA_GDR_golem_del_vraboteni_2020_850X414_PHOTOSHOP.jpg?itok=YLDW-Y5e)
Ревизорите од Државниот завод за ревизија, на работилницата која се одржа на ден 10.09.2020 година на тема „Организирање на живата комуникација со медиумите и новинарите“, имаа можност преку практични вежби да се запознаат со можностите за одржување на непосредна комуникација со медиумите и истражувачките новинари.
Работилницата е продолжување на активностите во рамки на проектот што се реализира помеѓу Државниот завод за ревизија и Фондацијата за демократија на Вестминстер во државата, кој има за цел имплементација на Комуникациската стратегија на ДЗР 2020 – 2023 година, како стратешки документ на нашата врховна ревизорска институција.
Покрај обучувачот г. Игор Мицевски од Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), на работилницата беше поканет и истражувачки новинар г. Владо Апостолов од Истражувачката репортерска мрежа БИРН, со кој ревизорите од ДЗР имаа можност да симулираат одржување на „состанок со истражувачки новинар“ и да ги дискутираат ревизорските наоди и препораки од конкретен ревизорски извештај.
Истовремено, ревизорите се запознаа со начинот на организирање на отворени и затворени брифинзи со новинари, терминолошките разграничувања и типови на брифинзи за комуницирање со медиумите, како и за начинот на подготовка и одржување на листа на медиуми и новинари.
На оваа работилница покрај вработени од Државниот завод за ревизија, присуствуваа претставници од Институтот за овластени ревизори на Република Македонија и Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, како дел од меѓусебната соработка и заеднички активности предвидени со потпишаните Меморандуми за заедничка соработка помеѓу овие институции.