Орхан Адеми избран за заменик главен државен ревизор

06.02.2020 - 14:48
Слика
Орхан Адеми дава заклетва во собранието

Државниот завод за ревизија го доби новиот заменик главен државен ревизор, трет во неговата 20-годишна историја. Тоа е Орхан Адеми кој доаѓа од редот на вработените во Државниот завод за ревизија каде зад себе има 15 години ревизорски стаж. Предлогот на собраниската Комисија за избори и именување беше изгласан на 131-та пленарна седница одржана на 04.02.2020 година.

Одлуката за избор на заменик главен државен ревизор на Државниот завод за ревизија е заведена под број 08-1087/1 на 04.02.2020 година, донесена од Собранието на Република Северна Македонија врз основа на членот 4 став (3) од Законот за државната ревизија („Службен весник на Република Македонија“ број 66/10, 145/10, 12/14, 43/14, 154/15, 27/16 и 83/18). Одлуката  влегува во сила од денот на нејзино донесувањето и ќе биде објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Непосредно по изборот, Орхан Адеми даде свечена изјава пред присутните пратеници и се заблагодари на укажаната доверба, истакнувајќи дека одговорно и совесно ќе ја извршува својата задача во рамки на предвидените законски надлежности.

Новоизбраниот заменик главен државен ревизор е овластен државен ревизор во Државниот завод за ревизија, дипломиран економист на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје и магистер по економија на тема „Сметководство, финансии и ревизија“ на Универзитетот во Тетово.